ОДЛИЧЕН ПОЧЕТОК НА НОВИТЕ АГЕНТИ ЗА ПРОМЕНА


Најпрво да се претставам.

Јас сум Маја и од март оваа година заедно со уште една девојка од ИМКА Битола, Ивана, учествувам во двегодишен проект на Светската Алијанса на ИМКА наречен „Агенти за Промена“, баш поради тоа што по завршувањето на обуките од нас се очекува како млади лидери да придонесеме за позитивни промени кај младите и воопшто, за заедницата во која живееме.

Во овој дух, во периодот од 10-14 јуни учествував на регионален тренинг во Швајцарија, заедно со уште 40-тина млади луѓе од повеќе европски држави.Тренингот беше организиран во извиднички стил, односно кампувавме и планинаревме, што само допринесе за одличната атмосфера и доживување! За да не добиете погрешна слика дека само сме се забавувале, ќе објаснам малку подетално.

Четиридневната авантура започна со собирање на сите учесници во седиштето на локалната ИМКА (Цирих, Швајцарија), со воведен разговор од одговорните и со организирано разгледување на градот. После прошетката се упативме кон планинската куќарка во која ноќевавме, а во меѓувреме се запознававме едни со други.

Наредниот ден го започнавме со планинарење во парови кои се менуваа на секои 20 минути, а во тоа време разговаравме на зададени теми, кои беа со цел дополнително запознавање на учесниците. Со попатни паузи и дружба, стигнавме до местото каде што кампувавме во наредните три дена, и добар дел од кампот го изградивме самите, со цел да се зближиме и да развиеме некој вид на соработка.

19071654718_52bd2aa9d7_z

Наредните денови имавме кратки предавања на теми кои ги засегаат младите насекаде, како што се невработеноста, граѓанска вклученост, здравје, животна средина, младински програми поддржани од Еразмус плус, опис на работата и обврските на Агентите за Промена. Програмата беше така добро структуирана што најмногу имавме групни и дискусии во парови на горенаведените теми.

Секоја вечер се собиравме околу логорскиот оган и споделувавме приказни од своите земји, градови, заедници за нанесени неправди врз младите, врз маргинализираните групи или одлуки и потези од било каков карактер кои се однесуваат на целокупното население. Вечерите ги завршувавме со песна и карактеристични десерти од различни држави.

И, на крај ќе споделам импресии од последната вечер околу логорскиот оган, која ќе ја паметам долго. Секој учесник требаше да подари три листови на тројца учесници (било тоа да се Агенти за Промена, обучувачите или пак на извидниците кои се грижеа за нашата удобност и безбедност во текот на целиот тренинг) кои оставиле најголем впечаток во изминатите денови и да фрли едно стапче во огнот за некој/а кој ќе им недостига. Тешко е да се долови на ваков начин, но навистина беше еден убав и емотивен момент за сите нас.

Патувањето во Швајцарија заврши, но она поважното како Агенти за Промена само што започна, па посакајте ни среќа!

19263273791_c64576eb1d_z

Фото галерија од настанот.

Share
Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *