ПАТОТ КОН ПРОМЕНАТА – ИМКА СВЕТСКО СОБРАНИЕ


Се започна откако ги завршив студиите и тргнав во потрага за волонтирање. ИМКА Битола ми излезе во пресрет со различна понуда на активности меѓу кои и програмата Агенти за промена. Најмногу ме инспирира токму тоа – да бидам дел од големиот проект на ИМКА Свет, да станам Агент за промена. Желбата да бидам дел од семејството на ИМКА организациите  ме одведе кон патот за Колорадо (Естес Парк, Америка) каде што оваа година по осумнаесетти пат се одржа Советот на ИМКА Свет.

Ова собрание е највисокото тело за донесување одлуки во Светската алијанса на ИМКА. Светскиот совет се состанува на секои четири години и е одговорен за поставување на политики и насоки на Светската алијанса, избирајќи ги неговите службеници и Извршен комитет. Исто така се оценува работата во последните четири години и се разгледуваат идните приоритети.

Од голема важност на овој Светски совет беше тоа што за прв пат младите беа во фокусот на собранието и тоа токму преку програмата Агенти за промена. Тоа им даде можност на младите кои се вклучени во оваа програма да бидат и директно вклучени во програмата на овогодинешниот совет. На тој начин преку свои активности го искажавме  своето мислење за прашања поврзани со младите. Имав можност и да дебатирам и разговарам со луѓе кои имаат различни мислења и ставови за одредени светски прашања. Го  покажавме и својот лидерски потенцијал и се она што го научивме како дел од програмата Агенти за промена.

15102646051_9e852165b1_z

Ова собрание ќе ги активира ИМКА движењата во светот преку оспособување на младите да учествуваат во донесувањето на одлуки и демонстрирањето на лидерскиот капацитет во ИМКА организациите и пошироко. Агентите за промена ќе бидат дел од иницијативите преземени на глобално ниво за решавање на глобални проблеми кои го засегаат денешниот млад човек. Ние сме гласот на младите кој треба да биде слушнат најпрво преку иницијативата „Еден милион гласови“.

Како дел од програмата имав чест и задоволство да го посетам ранчот на Имка од Рокис. Имав можност да се запознаам како ИМКА работи во Америка и со тоа да ги споредам искуствата во другите ИМКА организации низ светот. Се чувствувам побогато што запознав различни култури – дури од 83 држави кои што учествуваа преку свои делегати од сегаде низ светот каде што ИМКА движењето мотивира и инспирира.

Мојата ангажираност како Агент за промена траеше година и пол и истата беше заокружена со официјална церемонија во Колорадо каде што ни беа доделени сертификати. Програмата ме натера да размислувам за учеството на младите не само во ИМКА туку и глобално и за тоа колку младите се свесни за моќта што ја поседувааат во решавањето на проблеми со кои се соочуваме секојдневно, почнувајќи од невработеноста, вклученоста во носењето одлуки, па се до заштита на природата и многу други.

15082659826_8f49d10225_z

Да се биде дел од програмата значи да се стане свесен за овие проблеми и начините преку кои може да се влијае за решавање на истите. Ова беше само мал поттик да продолжам во насока на подобрување на животот на младите и нивното место во општеството. Младите да се признаени, да се вреднуваат како личности, а нивниот глас да биде насекаде слушнат и признат. Верувам во оваа промена и во движењето кое ќе инспирира генерации на млади да се борат за својот глас.

Фото галерија од настанот.

 

Share
Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *