Активности


Волонтерски сервис

Волонтирањето е најдобриот начин за стекнување искуство, учење нови вештини, градење на CV, професионален и личен развој, патување, притоа помагајќи во средината каде живееме. ИМКА Битола ги охрабрува младите да се приклучат и да волонтираат во нашите активности: да бидат дел од тимот за говор без омраза, дел од глобалниот проект Модел на Обединети Нации (ММУН), уметност и култура, вклучување и поддршка на граѓанската иницијатива Битола на Точак, или пак едноставно да учествувате на екскурзии или други социјални настани кои ги правиме како можности за забава.

ИМКА Битола покрај локален, нуди и можност за интернационален волонтерски сервис за волонтирање во Европа со покриени трошоци! Тоа може да се оствари преку програмата Европски Волонтерски Сервис. Програмата ЕВС ви нуди можност да работите на проект во непрофитна организација во некоја eвропска држава и со тоа да стекнете незаборавно интернационално искуство. Волонтерот ја бира земјата и проектот на кој ќе волонтира, а трошоците се покриени!

АКТИВИРАЈ СЕ И ПРЕЗЕМИ ЈА ИДНИНАТА ВО ТВОИ РАЦЕ!

Тренинг

Обуката е процес на учење. Таа вклучува примена на стекнати знаења со цел да се подобрат квалитетите на младите луѓе, додека развојот не го вклучува само процесот на развој, но исто така им помага на младите во градењето на нивните личности во исто време, како и подобрување на нивниот напредок кон актуелизирање на нивните целосни потенцијали.

Преку разни видови на обуки за личен и професионален развој во земјава и странство им овозможуваме на младите да се стекнат со потребни знаења и вештини и да развиваат како личности со цел да можат подобро да одговорат на потребите на новото време.

Членовите на ИМКА Битола можат слободно да се консултираат и да добијат поддршка за отворените можности за аплицирање на обуки. Поголемиот број од нив се во рамките на програмата ЕРАЗМУС+, а трошоците покриени. За повеќе информации околу расположливите тренинзи проверете го Календарот на обуки.

 НАПУШТИ ЈА ДНЕВНАТА МОНОТОНИЈА И ИСКОРИСТИ ГИ МОЖНОСТИТЕ!

Кампови

Програмата се темели на спој на неформалното образование и едукацијата на отворено што уште од поодамна е тренд во поразвиените држави. Уште од самите почетоци се вклучивме во развој на балканскиот камп кој беше платформа за обука на камп лидери од балканските ИМКА организации. Од тогаш па наваму нашите членови земаат учество на повеќе кампови и други камперски настани (исполнети со учење, активности на отворено, забава и дружење) во организација на ИМКА Битола или на некои од нашите партнерски организации. Во последниве години сме активни во работната група за кампови на ИМКА Европа и неформалните мрежи International Synergy Group и Outdoor as a Tool Network што резултира со соработка со повеќе организации понудувачи на кампови.

Во моментов главните камп програми на кои сме фокусирани се Младинскиот лидерски проект (ИМЛП) и Девојките го водат светот (ГЛОУ). ИМЛП е камп за момчиња кој се организира од 2006 год, а ГЛОУ е камп за девојчиња и се организира од 2002 год. Целта на овие кампови е личен и професионален развој во безбедна средина во која младите од различна етничка, верска и социјална припадност ќе можат заеднички да учат и да се развиваат.

ПРИФАТИ ГО ПРЕДИЗВИКОТ И ИЗГРАДИ ГО СВОЈОТ ЛИДЕРСКИ СТАВ!

Детски права

Децата од рана возраст треба да бидат свесни за своите права и обврски, и тоа е причината зошто соработката со основните и средните училишта е важна во нашите проектни активности. Главната цел е зајакнување на учеството на младите во сите нивоа на одлучување за прашања кои директно влијаат на нив.

Нашите активности се преку: поддршка на ученичките организации во нивното формирање, градење на нивните капацитети, ученички активизам, воведување на моделот Дете Правобранител во училиштата, воведување на индексот на правата на децата, застапување на ученичките организации, активности за интеграција на децата од различно етничко и социјално потекло, итн.

Ние соработуваме со повеќе институции, а како стратешки партнер во ова поле ни е Коалицијата на младински организации СЕГА.

 ГРАДИМЕ СИЛНИ ДЕЦА, СИЛНА ЗАЕДНИЦА!

 

Граѓански сектор

Граѓанското општество со вклученост и активен придонес на сите чинители во јавните политики и процеси е од клучно значење за развојот на локалните заедници во кои живееме и општеството во целина.

Во таа насока ние како организација ги следиме и се вклучуваме во процесите во кои имаме знаење и искуство со цел да дадеме наш придонес и поттик во развојот на државава во полето во кое работиме. Во главно тоа подразбира наше вклучување во: развојот на младинската работа, младински политики и стратегии, реализирање на младински програми со училиштата, промоција, мерки и стратегии за поттикнување на волонтерството, поттикнување на филантропијата кај граѓаните, институциите и компаниите и др.

Во тој процес ние активно соработуваме со други чинители во општеството: младински организации, други граѓански организации, коалиции на младински организации (ние сме членка во мрежите Коалиција на младински организации СЕГА и Сојуз за младинска работа, како и во неформалните мрежи International Synergy Group и Outdoor as a Tool Network), основни и средни училишта, општини, компании, државни  и локални институции и сл.

ПРИДОНЕСУВАМЕ ЗА ИЗГРАДБА НА ЗДРАВО ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО!

YMCA Македонија

YMCA Македонија ја потенцира интеракцијата меѓу нашите млади луѓе да работат заедно за свој личен развој на духот, умот и телото. Ние ги поттикнуваме во нивната разноликост и креативност нудејќи можности за подобра иднина на сите.

Ние ги гледаме младите како наша главна целна група, човечки ресурс и потенцијал за развој. Ние им нудиме можности за здрав развој на духот, умот и телото преку различни групни и лични активности, што вклучуваат: креативна работа, интелектуални предизвици и стекнување на нови вештини и добивање на нови знаења. Ние ги оспособуваме сите млади луѓе да ги зголемат своите одговорности и да преземат лидерство на сите нивоа. Исто така градиме свест за прифаќање на културните разлики.

YMCA Македонија  активно соработува со World YMCA на неколку интернационални младински програми: Агенти за промена, Светскиот ИМКА предизвик, глобалното истражување Еден милион гласови, како и со YMCA Europe во рамките на програмските групи Волонтери за Европа, ИМКА спорт и работната група за кампови.