ОБУКА ЗА ЕДНАКВОСТ И НЕДИСКРИМИНАЦИЈА


Нова година со нови авантури. Да, се одморивме во текот на празниците, но сепак, работата е тоа што мора да се продолжи. Јас сум среќна бидејќи уживам работејќи го тоа што го сакам, но исто така и поради можностите што ми се нудат. ИМКА Битола ми овозможи да учествувам на дводневната обука за недискриминација и имплементација на националната стратегија за еднаквост и недискриминација организирана од страна на Министерство за труд и социјална политика во соработка со Британскиот Совет и Британската Амбасада во РМ.

Цел на обуката беше да се едуцираат присутните за значењето на многу термини со кои се сретнуваме во секојдневната комуникација, можеби недоволно разјаснети, но од суштинско значење за соживот со етничките заедници. Најважните поими што ни беа доразјаснети беа стереотипите и предрасудите. Стереотипите претставуваат верувања или мислење за одредена група луѓе; збир на особини кои ја дефинираат групата, главно преку начинот на однесување, навиките и сл. (како на пример: „тие се такви“, шефовите се тирани, овие луѓе се мрзливи); се градат врз основа на контакти или претстави кои сме ги стекнале во училиштето, преку медиумите, во професионалната сфера или дома, кои понатаму се генерализираат, опфаќајќи ги сите луѓе кои би можеле да се поврзат. Ги тераат луѓето да реагираат на другите луѓе како на припадници на определена група, наместо како на поединци.

Предрасудите, пак претставуваат заклучоци и мислења што ги донесуваме за луѓето без претходно добро да ги познаваме и обично се негативни. Нив ги стекнуваме во процесот на социјализација и понатаму е доста тешко да ги промениме или да се ослободиме од нив. Тоа се логички неосновани ставови спрема одредени објекти и појави кои ни помагаат за да ги дополниме информациите кои ни недостигаат: ПРЕДРАСУДА = Стереотип + Чувства + Намери!

Исто така во склоп на обуката беше доделен и Водич за спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација кој ќе помогне во секојдневните судови и заклучоци за луѓето околу нас. Бидејќи дискриминацијата постоела, постои и ќе постои и во иднина. Сеедно дали се работи за позитивна или негативна, секогаш е потребно да се има во предвид фактот дека поделбата на луѓето е една таква појава која од една страна не е праведна, а од друга не може да се избегне. Сепак, од суштинско значење е она што ќе остане, да бидеме свесни за се она што не опкружува, да создаваме еден подобар свет за нас и за идните генерации, свет каде што стереотипите и предрасудите ќе ги замени оној прекрасен поим на еднаквост, братски живот и насмеани лица.

Share
Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *